„Имаме потреба од повисоко ниво на медиумска писменост и едуцирање за дезинформациите во нашите основни и средни училишта зашто младата популација е таргетот. Организиран пристап ќе ни овозможи да создаваме генерации кои ќе бидат поотпорни кон лажните вести и оспособени да ги формулираат своите ставови преку критичко размислување засновано врз проверени информации. Потребно е да обезбедиме и подобри услови за професионално и независно работење на медиумите што подразбира имплементација на најдобрите европски практики“. Ова е пораката на претседателот Стево Пендаровски во воведно обраќање на конференцијата „Информации против дезинформации: Градење отпорност кон дезинформациски практики во постковид-опкружување во Северна Македонија“, организиран од Евроатлантскиот совет на Северна Македонија.
Пендаровски посочи дека „дезинформациите најчесто не се наивни и случајни, туку се производ на планиран и организиран пристап кон одредена тема, ја поларизираат јавната дебата, со цел да се замагли јавната перцепција за битни прашања и да го подигне нивото на конфликтност во општеството, да ја еродира општествената кохезија и преку тоа да влијае на политичките процеси откако ќе ја наруши довербата на граѓаните во демократските институции.
„Намерите најчесто се на долг рок и систематски да се манипулира јавноста со пласирање погрешни информации, полувистини, извртени факти или комплетно фабрикувани вести со крајна цел да послужи за интересите или целите на одредени државни и недржавни ентитети кои имаат свои специфични агенди. Дезинформациите може да ја дестабилизираат и самата држава и затоа не случајно развиените демократии нив ги третираат како закана за националната безбедност. Последниве неколку години и ние ги идентификуваме и третираме дезинформациите како една од приоритетните закани по нашата национална безбедност. Потребата за кревање на свесноста за нивното постоење и нивните ефекти го заслужува нашето полно внимание како општество и како држава“ рече Пендаровски.
Посочи и дека нашата држава во пандемијата се справувала со поткопување на довербата на граѓаните во НАТО и ЕУ односно со организирана кампања на дезинформирање чија цел, рече, имала да го сврти јавното мислење наспроти евроатлантските организации со интензивна употреба на квазиаргументи дека тие не и помагаат на Северна Македонија во време на пандемијата.