Генчовска: Бугарија ќе продолжи да бара Бугарите да бидат вклучени во македонскиот Устав

„Бугарската страна се држи до целосна примена на Договорот за добрососедство и соработка од 2017 година, како и почитувањето на правата на Бугарите во Северна Македонија“. Ова за бугарското народно радио го изјави бугарската министерка за надворешни работи – Теодора Генчовска за БНР пред редовниот состанок на експертско ниво, меѓу министерствата за надворешни работи на Северна Македонија и на Бугарија, што ќе се одржи денеска во Софија.

Според неа, Бугарија ќе продолжи да го поддржува „легитимното барање Бугарите во Северна Македонија да бидат вклучени еднакво со сите останати народи, во нејзиниот Устав“.

Еден од главните приоритети, според Генчовска, е да биде постигнат напредок во работата на Заедничката комисија за историски и образовни прашања, за изготвување календар за заедничко чествување на личностите од, како што тврди, „заедничката историја, за кои веќе е постигната согласност“.

„Ќе бараме и да започне процес за осовременување на наставните програми во Република Северна Македонија“ – рече таа.