Пендаровски: Да не дозволиме ниту едно дете да ни е на улица
„Денес, додека говориме, на Светскиот ден на детето, илјадници деца ширум светот умираат од глад, илјадници се без покрив над главата, без пристап до образование, илјадници како бегалци чекаат да најдат спас и подобар живот во меѓуграничните појаси, на ничија земја, во импровизирани кампови. Додека ова го зборуваме на крстосниците на нашиот главен град, но и во другите градови, имаме деца питачи, десетици деца надвор од школскиот систем, имаме и деца кои, воопшто, не се евидентирани во матичните книги на родените. Мораме да се соочиме со сите овие проблеми и да најдеме конкретни решенија брзо. Апелирам до надлежните институции, да не дозволиме ниту едно дете да ни е на улица, надвор од образовниот систем, маргинализирано или злоупотребено“.
Ова е пораката што денеска ја испрати македонскиот претседателот Стево Пендаровски во обраќање на одбележувањето на Светскиот ден на детето.
„Пандемијата, за жал, покажа колку се ранливи децата и колку новата, грда реалност ги загрози нивните слободи, нивните соништа, безгрижното детство. Нека сето ова биде предизвик за сите нас, можност за еден вид ресетирање, поставување на приоритетите и суштинско вклучување на младите во процесите на одлучување. Дозволете уште еднаш, да ги повикам сите клучни институции да работат на проблематиките за деца и млади, и заеднички да работиме на посреќна иднина. Гласот на младите мора да биде чуен и вграден во донесувањето на одлуките. Преосмислувањето на иднината мора да започне од сегашноста бидејќи без осмислување на сегашноста не можеме да ја преосмислиме ниту иднината“ рече Пендаровски.