Пендаровски во 13 часот ќе му го додели мандатот на Ковачевски

Претседателот на државата, Стево Пендаровски, денеска во 13 часот треба да го додели мандатот за составување на новата Влада на новиот претседател на владејачката СДСМ, Димитар Ковачевски. Со тоа ќе почне да тече уставниот рок од 20 дена, во кој мандатарот до Собранието треба да ја достави програмата и составот на новата влада.

Конечната кадровска листа за идната влада не е готова бидејќи консултациите сѐ уште траат, а конечниот збор треба да го каже Централниот одбор на партијата.

Се очекува седницата на ЦО да се одржи по празниците. Ковачевски, кој пред два дена доби овластување од ЦО да биде мандатар за состав на Владата, најави дека нема да го користи максималниот рок од 20 дена, и изрази уверување дека новата Влада ќе биде избрана до 18 јануари.

„Во моментов ја усогласуваме програмата што ќе ги содржи најдобрите проекти и предлози на СДСМ и коалициските партнери. Веднаш потоа треба се посветиме и на ефикасна реализација, бидејќи колку што поефикасно работиме и го почитуваме заемниот договор, постабилна ќе биде Владата. Пред новата Влада стојат предизвиците за менаџирање на енергетската криза, економската криза предизвикана од пандемијата, како и продолжување на евроинтеграцискиот процес и преговорите со соседна Бугарија. Јас верувам дека можеме да ги надминеме сите овие предизвици, со стабилна Влада која ќе има мандат до 2024 година“, рече Ковачевски .

Претседателот на Собранието, Талат Џафери, изрази уверување дека на 17-ти јануари новите министри ќе го почнат првиот работен ден.