Пендаровски во честитката за Водици: Осветувањето на македонските води нека биде наша духовна поткрепа во надминувањето на сите тешкотии

Македонскиот Претседател, Стево Пендаровски, по повод големиот христијански празник Богојавление – Водици, упати честитка до сите граѓани коишто го прославуваат празникот според јулијанскиот календар и до поглаварот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија.

„Имам особено задоволство и чест да ви го честитам големиот христијански празник Богојавление – Водици и најтопло да ви посакам празникот да го поминете пред сѐ во добро здравје, исполнети со мир, хармонија и со радост.
И годинава како и минатата, Богојавление – Водици го празнуваме соочени со сѐ уште присутната епидемија на КОВИД-19, како и со бројни економски и општествени предизвици. Нека осветувањето на македонските води биде наша духовна поткрепа во надминувањето на сите тешкотии. Со смирение и со молитва, солидарни и грижливи да се издигнеме над сите неволји и проблеми. Да ги наполниме срцата со надеж и со верба и да даруваме безусловна љубов на ближните.
Нека ни е честит и вековит празникот Богојавление – Водици!
Бог се јави!“ стои во честитката на Пендаровски.