Папата: Децата треба да си играат, а не да собираат и продаваат ѓубре!

Папата Франциск ги повика владите да се борат против детскиот труд, порачувајќи дека е ужасно што децата, кои треба да си играат, работат или собираат ѓубре на депониите за да продадат нешто. Тој рече дека во многу земји луѓето се експлоатирани како дел од сивата економија и дека работат без бенефиции и правна заштита.

„Да помислиме на жртвите на работа, на децата кои се принудени да работат. Тоа е страшно“, рече папата.

Меѓународната организација на трудот, агенција на ОН, во извештајот минатата година соопшти дека бројот на деца работници во светот се зголемил на околу 160 милиони во 2020 година.

„Децата кои се на возраст кога треба да си играат се принудени да работат како возрасни. Да се сетиме на тие деца, кутрите мали суштества кои копаат по депониите, барајќи нешто корисно за трговија или продажба“ – потенцираше папата Франциск.

Смета дека немањето работни места е „социјална неправда“ и дека донациите и поддршката за невработените се важни, но тие не му даваат на човекот достоинство.