Ковачевски: Димитров е незадоволен што не е дел од новата Влада

„Имаме јасни државни позиции во однос на разговорите со Бугарија, имаме усвоена Резолуција во Собранието, поддржана од сите партии“ е ставот на претседателот на СДСМ и мандатар за состав на новата Влада Димитар Ковачевски како реакција на денешната прес-конференцијата на вицепремиерот за европски прашања – Никола Димитров.

„Мојот впечаток е дека станува збор за изразено лично незадоволство поради завршување на неговото учество во Владата. Тоа што го кажува воопшто не е точно“ – смета Ковачевски.

Според него, Димитров лично бил дел од градењето на истите тие позиции.

„Македонскиот јазик и македонски идентитет не биле, не се, и нема да бидат тема на разговор. Дали господинот Димитров е против овие изградени државни позиции во однос на разговорите со Бугарија и во кој дел треба да каже самиот. Граѓаните да бидат спокојни дека Владата во целост ќе ги заштити националните интереси, а преговорите на ниеден начин не се загорезени со заминувањето на Димитров“ – вели Ковачевски.