Потпретседателката на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Димитриеска Кочоска на денешната панел дискусија насловена „Што наследија општините“ по повод 100 дена локална власт, вели дека она што е најбитно е да се види транспарентноста и отчетноста на општините од страна на претходните градоначалници на СДСМ.
„Ако се сеќавате во 2016та година најпрво за време на парламентарните избори постојано се зборуваше за некаква транспарентност, се дискутираше дека тие најавуваа дека ќе бидат транспарентни и отворени. Во 2017тата исто така за време на локалните избори се коментираше постојано и навистина владата во 2018та година направи некаков обид за да се отвори кон граѓаните и да биде транспарентна. Но да видиме каква беше таа транспарентност. Јас се обидов да извадам делови од Законот за пријавување и евиденција на обврските. Ова е првиот закон кој што СДСМ во 2018та година го усвои и овој закон велеше дека сите јавни институции и општините, градинки, училишта, министерства и други имаат обврска да ги пријават своите обврски до Министерството за финансии, до десеттиот ден во месецот за претходниот месец, и ова е обврска на сите. Притоа јасно се кажува дека Министерството за финансии е надлежно, а во член 12 и член 13 точно е предвидено надзорот и какви се глобите или казните за непочитување на овој закон. Понатаму, неколку месеци подоцна го донесоа Законот за финансиска помош на единиците на локалната самоуправа на општините и на единките корисници од нив, согласно со кој закон ако се сеќавате им се даде еднократна помош на општината во износ околу 50 милиона евра, и повторно беше наведено глоби и казни во случајот на непочитување на законот“ – вели Димитриеска Кочоска.
Нејзиниот партиски колега – Миле Лефков вели дека „во Република Македонија се гради една култура на неказнивост на политички протекционизам.
„Ако поставиме една клима на неказнивост се случува она што се случува, односно ги трпиме оние последици кои што ги трпиме. На пример кога објавуваме и кога ги објавивме криминалните и сомнителни тендери кои што се гледаат во Општина Бутел, во Општина Гази Баба, во Општина Кисела Вода каде што гледате еден метален столб во висина од 4 метра се продава за 9900 денари а во истата техничка документација имате 10 понуди под него во кои што го имаат тој метален столб од 5 метри и од 8 метри кој што чини само 1.8 денари. Е сега, првата работа кој секој би помислил е дека на овој начин алудираме на тоа што се оштетува буџетот а тоа е точно, меѓутоа ако ја погледнете корупцијата ќе видите дека никој не би дал понуда за метален столб од 5 метри од 1.8 денари ако не е сигурен дека градоначалникот нема да го нарача токму тој столб“ – рече Лефков на панел-дискусијата.
Својот став го презентираше и истакна членот на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, Маја Кадиевска Војновиќ.
„Промената на власта покажа токму дека граѓаните не беа задоволни од претходните локални власти и го дадоа мандатот на градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ токму од причина да се средат состојбите на локално ниво. Меѓутоа мене ме плаши фактот дека она што се затече на локално ниво е голема рефлексија на она што се случува на централно ниво. Кога зборувам на централно ниво, тоа е целокупниот буџет на Република Македонија којшто за мене и за идните генерации, јавно кажувам е во критична ситуација“ – рече таа.