Официјално отворен конзулатот на Република Малта, проф. д-р Кочо Анѓушев именуван за почесен конзул
Денеска, 28 декември 2021 година, во Скопје официјално е отворен конзулатот на Република Малта во Република Северна Македонија. Честа да ја претставува Малта во нашата земја му е доверена на проф. д-р Кочо Анѓушев, кој е именуван за почесен конзул со указ на претседателот на Република Малта, Џорџ Вела од 5 октомври годинава. Именувањето на проф. д-р Анѓушев е одобрено од Владата на Република Малта, а соодветни одобрувања се дадени и од страна на македонската Влада.
„Ќе ми претставува особена чест и задоволство да бидам почесен конзул во нашата држава на Малта која е членка на Европската Унија. Малта, иако мала со околу 460 илјади население, таа е економски високоразвиена земја од која имаме многу да научиме. Соработката и трговската размена со Малта е на многу ниско ниво и ќе ми биде предизвик да работам на зголемување на пред се’ економските активности, создавајќи конекции на малтешки стопанственици со нашата држава и да видиме колку производи може да пласираме од кај нас во Малта”, истакна проф. д-р Анѓушев по повод отворањето на канцеларијата на конзулатот.
Република Малта е држава лоцирана во средишниот дел од Средоземното Море, економски високоразвиена со годишен бруто домашен производ од над 39 илјади долари по глава на жител. Најразвиени сектори се банкарскиот, ИТ секторот, како и туризмот.
Најголем потенцијал за трговска размена меѓу нашата држава и Малта се гледа во извоз на земјоделски производи од нашата држава.