Димитар Ковачевски – актуелниот заменик министер за финансии, кој е член на ИО на СДСМ, Димитар Ковачевски официјално ја достави кандидатурата за претседател на владејачката партија.
„Согласно роковите денеска ја поднесов мојата кандиратура за претседател на партијата, заедно со мојата визија и програма – Заедно, одговорно и посветено. Програмата се базира на три столба – социјалдемократска визија и вредности на работењето, економски раст и зголемување на животниот стандард и фер шанса и јасен систем со кој најдорбите ја добиваат одговорноста и шансата. Една од моите основни заложби е да го вратиме единството во партијата и да го вратиме единството во општеството за да можеме да имаме посилни демократски партии и да имаме посилно општество. Најзначајно за нас е да ја вратиме вербата дека можеме сами и мораме сами да го унапредиме нашето општетсво, притоа имајќи го во предвив јасниот пат на нашето општество во европските интеграции“ – рече Ковачевски пред партиското седиште.
Ковачевски изрази надеж дека Алтернатива ќе донесе позитивна одлука и ќе стане дел од владиното мнозинство.
Постапката за кандидирање за вонредните внатрепартиски избори на СДСМ трае до 3 декември, а досега, освен него, кандидатура поднесе и Фросина Ременски.