Отворена изложба на сликарката Тања Манева во Тирана

Во Mакедонскиот културно информативен центар во Тирана, е отворена изложба на сликарката Тања Манева, насловена „Боите на душата“, каде се претставува со нејзините гостинки, Стела Рустемај од Тирана и Драгана Пајковиќ-Додиг од Белград.

Како што информираат од КИЦ -Тирана, изложбата која беше отворена прексиноќа во прекрасна атмосфера, тиранската љубопитна публика, дел од дипломатскиот свет и останатите гости, сликите на Манева ги прифати со големо воодушевување. Магијата со која зрачат нејзините нови дела, направи неколку од сликите да бидат веднаш продадени.

Изложбата е во организација на македонскиот КИЦ во Тирана, од каде што велат дека Татјана Манева се претстави со 6 нови дела преку кои може да се забележи возбудлива промена во нејзиниот стил.

Македонскиот КИЦ во Тирана, продолжува со својата програма. На 3 мај 2024 во театарот „АрТурбина“ во Тирана ќе гостува Албанскиот театар од Скопје со претставата „Диво Месо“ од Горан Стефановски, во режија на Мартин Кочовски.