Осум години од „27 април – крвавиот четврток“

Пред точно осум години беше организиран и изведен насилниот упад во македонското Собрание, познат како „Крвавиот четврток“.

Денес се навршуваат 8 години од насилствата во Собранието на Македонија, кои останаа запаметени како „Крвавиот четврток“.

Првата година по случувањата, Собранието го очекуваше судскиот епилог за повеќе од 33 лица – амнестија и десетици злоупотребувачи на Собранието завршија во затвор. На втората годишнина, дел од учесниците беа осудени за настаните, додека јавноста сè уште го очекуваше откривањето на организаторите.

Во Собранието, со многубројни реплики и контрареплики, на пладне започна дваесеттото продолжение на конститутивната седница, на чиј дневен ред беше и точката за избор на пратеникот на ДУИ, Талат Џафери, за нов претседател на Собранието. Надвор, пред Собранието, се одржуваше 60-тиот протест на граѓанската иницијатива „За заедничка Македонија“, со барање да се отфрли т.н. „Тиранска платформа“ и да се распишат нови парламентарни избори.

Во 14:00 часот лидерот на СДСМ, Зоран Заев, побара почитување на Деловникот и преминување кон избор на претседател на Собранието, нагласувајќи дека постои ново парламентарно мнозинство со 69 пратеници.

Во 18:00 часот претседавачот Трајко Вељаноски го прекина 20-тото продолжение на конститутивната седница, но пратениците останаа во пленарната сала и новото парламентарно мнозинство го избра пратеникот на ДУИ, Талат Џафери, за нов претседател на Собранието.

Во 18:30 часот, во прес-салата, пратениците се подготвуваа за прес-конференцијата на Зоран Заев и Талат Џафери, бидејќи четири месеци по одржаните парламентарни избори, по цела деценија, државата доби ново парламентарно мнозинство.

Додека траеше прес-конференцијата на Талат Џафери, пратениците и новинарите преку мониторите гледаа како толпа граѓани го пробива полицискиот кордон и пристигнува до влезовите на Собранието. Додека Заев зборуваше, толпата веќе влегуваше во Собранието, а обезбедувањето ги затвори вратите од салата за медиуми.

Повеќе од три часа полицијата не успеа да ја стави ситуацијата под контрола.

Околу два часа, во медиумската сала на првиот кат, неколкумина пратеници, меѓу кои и идниот премиер Зоран Заев и новоизбраниот претседател на Собранието Талат Џафери, беа опколени и претепани од толпата граѓани. Официјално, повеќе од 100 лица завршија во болница, а состојбата на пратеникот Зијадин Села беше најкритична.

Вкупно 211 години затвор за 16 обвинети за „Крвавиот четврток“

Судскиот процес за настаните од 27 април 2017 започна на 22 август 2018 и претставува еден од најголемите случаи во поновата историја на Македонија. Првично, постапката беше покрената против 33 лица, од кои 31 за терористичко загрозување на уставниот поредок и двајца за поттикнување. Со одобрување на Законот за амнестија, 15 лица беа амнестирани.

Во рамки на судската постапка беа испрашани околу 50 сведоци, како и заштитен сведок. Меѓу сведоците беа и актуелниот премиер Зоран Заев, министерот Дамјан Манчевски, поранешниот претседател на Собранието Трајко Вељаноски, владиката Пимен и други.

Законот за амнестија за настаните од 27 април 2017 не се однесуваше на организаторите, лицата што употребиле физичко насилство, носеле оружје или службени лица кои ги пречекориле своите овластувања.

Амнестија добија петмина пратеници – Крсто Мукоски, Сашо Василевски, Љубен Арнаудов, Јохан Тарчуловски и Жаклина Пешевска, како и организаторите на иницијативата „За заедничка Македонија“ – Богдан Илиевски, Владо Јовановски и Борис Дамовски, и лица од кабинетот на тогашниот претседател на Собранието.

Судскиот совет при Основниот кривичен суд Скопје, предводен од судијката Добрила Кацарска, на 15 март изрече вкупно 211 години затвор за 16 обвинети за насилството во Собранието на 27 април 2017, додека Игор Дурловски беше ослободен од обвинението.

Највисока казна од 18 години доби Митко Чавков, по 15 години беа изречени за Митко Пешов, Душко Лазаров, Горан Ѓошевски-Леви, Влатко Трајковски и Николо Митровски-Колјо, додека останатите добија од 7 до 15 години затвор.

Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, во февруари годинава, соопшти дека под истрага се пет лица осомничени за организирање на настаните од 27 април.

Тие се товарат за кривичното дело „терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста“.

Обвинителството информира дека во почетокот на 2017 година, осомничените подготвиле и спровеле план за спречување на мирната примопредавање на власта. За таа цел организирале и материјално поддржале масовни протести, прво пред Државната изборна комисија, а потоа и протестите на движењето „За заедничка Македонија“, кои кулминирале со насилниот упад во Собранието на 27 април.

Осомничените како организатори ја вклучиле целата партиска структура и материјални средства за остварување на целта и овозможиле континуирано намалување на бројот на полицајци кои ги обезбедувале протестите. За нарушување на уставниот поредок и безбедноста, на критичниот ден организирале непречен влез на демонстрантите во законодавниот дом, вклучиле патриотски здруженија и ангажирале лица за извршување насилство. Истовремено, штабовите на политичката партија континуирано ја мобилизирале членската база од Скопје и други градови. Еден од осомничените, со возило сопственост на Управата за безбедност и контраразузнавање, донел оружје и панцири во Собранието, наменети за лица кои протестирале и имале искуство со употреба на оружје. Со овие активности, осомничените предизвикале чувство на несигурност, загрозување и страв кај граѓаните, информира обвинителството.