Османи: Ќе кажеме наш став за сите прашања кога ќе дојде време за тоа!

Македонскиот министер за надворешни работи – Бујар Османи изјави дека има начин како да има пристап до документ за прифатливоста на измените во преговарачката рамка што ги предлага Франција. Тој посочи дека прават анализа, но, ќе го кажат ставот за сите прашања кога ќе дојде време за тоа, „кога ние ќе сметаме дека ќе биде во наш интерес тоа да го направиме“.

Османи рече дека ги следи со внимание сите јавни објави и сите реакции на граѓаните.

„Тоа што се случува е дека вчера има предлог на претседателството до земјите членки вклучувајќи ја и Република Бугарија, за да се изјаснат за одредени идеи кои што француското претседателство смета дека можат да бидат основа за продолжување на процесот. Јас мислам дека не е во наш интерес ние да ги кажеме нашите позиции во однос на таквите предлози додека не ги слушнеме позициите на земјите членки, откако земјите членки ќе ги изразат своите забелешки, а тоа се 26 земји членки, секоја да каже свој став“ – рече Османи.

Дополни дека доколку се унифицира, доколку и Република Бугарија го каже својот став, тогаш, како што посочи, и ние ќе ги кажеме нашите ставови.

„Очекувам разбирање, правиме анализа на секој збор, на секоја реченица, но сметам дека треба да ја испочитуваме процедурата, да чекаме како ќе се изјаснат 27 земји членки, односно 26, имајќи предвид дека Франција има дистрибуирано свој став“ – посочи шефот на дипломатијата.