„Европските перспективи на Скопје и Киев, особено од аспект на импликациите на војната во Украина за безбедноста и стабилноста на европскиот континент и пошироко“ биле во фокусот на денешните разговори на шефот на дипломатијата Бујар Османи со неговиот украински колега Дмитро Кулеба на маргините на неформалниот Министерски состанок на НАТО во Берлин.
„Европа и светот се соочени со исклучителни надворешно-политички и безбедносни предизвици од геополитички аспект и наједноставниот пат за демонстрирање на стратешкото лидерство на Европската Унија и нејзиниот кредибилитет е преку ефектуирање на одлуката за почетокот на пристапни преговори со Северна Македонија“ – заклучил Османи.
Од МНР соопштија дека на средбата станало збор и за актуелните состојби во Украина, при што министерот Османи и во оваа прилика најостро ја осудил воената инвазија на Русија врз Украина, особено бруталните убиства на цивили, нагласувајќи дека Северна Македонија, како членка на НАТО и кредибилен кандидат за членство во ЕУ има преземено низа чекори и мерки како одговор на руските воени дејствија.