Османи: Ги извлековме нашите дипломати од Украина, тргнати се кон Молдавија

Бујар Османи – македонскиот министер за надворешни работи рече дека денеска успеале да ги извлечат нашите дипломати во Украина преку безбедносен коридор и тие се веќе тргнати кон Молдавија.

„Ситуацијата, посебно во текот на ноќта во Киев е влошена,. Ние одлука за евакуација на нашите дипломати имаме донесено на денот на руската агресија во Украина, но поради отежнатите околности тие не беа во состојба да ја напуштат Амбасадата. Целиот овој период беа во скривница. Ние потоа преземавме неколку координации со наши партнери и успеавме пред половина час да ги извлечеме нашите дипломати преку безбедносен коридор и тие се веќе тргнати кон Молдавија“ – рече Османи.

Тој информира дека денеска успеале и да почнат процес на евакуација за 30 наши монитори во рамки на Специјалната мониторинг мисија. Дел од нив во моментов се упатени кон Молдавија, а дел кон Полска.

„Само што се тргнати на пат, не можам да кажам кои се тие аранжмани од безбедносни причини, но веќе се тргнати во еден конвој за напуштање на Украина“ – рече Османи.

Тој посочи дека членовите на семејствата на дипломатите ги вратиле пред две недели, додека дипломатите останале за да излезат последни, затоа што прво им било важно да излезат граѓаните, а потоа на крај и дипломатите.

„Затоа до последен момент откако почнаа воените активности таму дипломатите од скривница даваа патни листови на граѓани на различни форми, но сепак вчера донесовме одлука тие да се евакуаираат на безбеден начин. Тоа успеаја да го направат денеска. Станува збор за двајца дипломати и уште двајца граѓани кои беа заедно си дипломатите во Амбасада, наши државјани. Едно семејство случајно е придружено со дел од мониторинг мисијата на ОБСЕ која се упатува кон Молдавија, со други граѓани сме во комуникација за да најдеме начин како да ги извлечеме, вклучувајќи ги и семејствата на нашите државјани кои се украински државјани. Има наши државјани кои се мажени или женети со граѓани од Украина, помина одлука на Влада со која и на нивните семејства ќе им обезбедиме засолниште во земјава, но треба прво да се обебезди безбедносен коридор за евакуација“ – рече Османи.