„Резултати се очекуваат и од Северна Македонија и од Бугарија“ – изјави министерот надворешни работи Бујар Османи во интервју за „БТВ“. Тој оценува дека е одлична порака што на првиот работен ден на новата македонска Влада првата посета ја оствари токму бугарскиот премиер Кирил Петков, бидејќи тоа носи и симболика и суштина.
„Симболиката е дека ние сме најблиски соседи, но суштината е дека во позитивна, конструктивна атмосфера, во атмосфера на лична доверба, создадена е платформа за продолжување на разговорите“ – објасни Османи.
Според него, во односите меѓу Софија и Скопје се очекуваат резултати и од двете страни.
„Патната врска меѓу Скопје и Софија не може да биде обврска само на Северна Македонија“ – рече Османи.
Во однос на работата на Заедничката комисија за историски и образовни прашања, тој посочи дека земјава досега смени двајца свои претставници во ова тело.
Во врска со испраќањето македонски амбасадор во Бугарија, министерот за надворешни работи рече дека планот е во првите недели од мандатот новата Влада да донесе одлука и да испрати амбасадор во Софија.
„Се уште немаме утврдено име, но имаме идеи и размислувања на темата, се надевам дека во наредните денови јас како министер ќе дадам предлог“ рече Османи.