Османи – Вархеји: Меѓувладина конференција што е можно поскоро!
На средбата на шефот на македонската дипломатија, Бујар Османи со еврокомесарот за проширување, Оливер Вархеји во Брисел биле реафирмирани позитивните оценки на ЕК за земјата по однос на сите параметри, а било заклучено дека без натамошно одложување треба да се завршат дискусиите за одржување на првата Меѓувладина конференција, и тоа што е можно поскоро.
„Владата останува силно посветена на реформската агенда и европските интеграции, со дополнителен импулс и проактивност во развојот на добрососедските односи, како клучна додадена вредност во развојот на регионалната стабилност. Политиката на проширување е најдобрата алатка за поттикнување на сложени реформи и демократско консолидирање, а нејзината трансформативна моќ се темели на условеноста и објективното вреднување на резултатите во процесот низ кои се одразуваат вредностите на ЕУ“ рече Османи во Брисел.
Вархеји, пак, го информирал за напорите на Европската комисија за обнова на европскиот моментум во регионот, но и за имплементацијата на Економско инвестицискиот план што претставува силна поддршка од страна на ЕУ за економско зајакнување на земјите од Западен Балкан, унапредена регионална соработка и засилени конекции со ЕУ.