Освои порше на турнирот во Штутгарт, ама нема возачка дозвола

Јелена Рибакина, тенисерка од Казахстан победи на турнирот во Штутгарт и како главна награда ги доби клучевите од скапото Порше, моделот „Тајкан Крос Туризмо“.

И наместо да биде среќна што ќе има можност да вози автомобил кој чини 100.000 евра во најевтината варијанта, Јелена Рибакина (24) се нашла во проблем.

Русинката која игра тенис под казахстанско знаме нема возачка дозвола.

Минатата недела, Рибакина имаше доста успешна недела во Штутгарт бидејќи ја освои својата трета титула оваа година.

– Не знам што да правам со автомобилот. Дефинитивно ќе го префрлам во Дубаи каде што живеам. Колата ќе ја вози мојот тренер Стефано, можеби и мајка ми. И јас се надевам наскоро – рече Рибакина смеејќи се.

По победата во Штутгарт и одличната недела во Германија, светскиот рекет број четири Јелена Рибакина планира да се врати во таа земја за време на сезоната на трева.

Засега тенисерката од Казахстан се пријавила за настап на ВТА 500 турнирот на трева во Берлин, а постои и шанса да се реши да настапи на ВТА 250 турнирот во Бад Хомбург.

– Разговарав со тренерот. Мислам дека ќе играм во Берлин, можеби и во Бад Хомбург. Сè уште немаме донесено конечна одлука. Сакам да играм што повеќе турнири на трева бидејќи тоа е мојата омилена подлога – објасни Рибакина, шампионот од Вимблдон во 2022 година.