Обвинетиот во предметот „Плацеви на Водно” – македонскиот бизнисмен Орце Камчев е хоспитализиран во приватната болница „Систина“ откако вчера околу 13 часот на негово барање бил префрлен од затворот во Шутка во болницата.
Информациите се дека Кривичниот суд дозволил здравствен преглед на Камчев во болницата и тоа првпат откако е во притвор, од март годинава.
Според непотврдените информации, Камчев се жалел на силни и континуирани болки во стомакот.
По прегледот, лекарите препорачале хоспитализација за да се извршат дополнителни медицински анализи за утврдување на неговата здравствена состојба која била оценета како влошена.
Судот одобрил Камчев да биде хоспитализиран, а наредното рочиште е во средина на идниот месец.