Беким Сали – македонскиот министер за здравство денеска имаше онлајн средба со регионалниот директор на Светската здравствена организација за Европа- д-р Ханс Клуге. На неа изрази благодарност за континуираната поддршка од СЗО за унапредување на здравствената заштита во државата и во заедничката подготовка на „Патоказот со земјите од Западен Балкан“.
„Р.С. Македонија е посветена на натамошно инвестирање во здравствените реформи и продолжување на напредокот постигнат претходно, со цел постигнување на стандардите на ЕУ. Нашата земја покажува значително подобрување на показателите за перинатална грижа. Во последните неколку години, благодарение на поддршката од СЗО – стапката на неонатална смртност се намали од 6,3 во 2019 година на 4,2 во 2020 година. Континуирано вложуваме напори за зајакнување на здравствените човечки ресурси и на другите капацитети во клучните болници на регионално ниво“ – посочи на состанокот министерот Сали.
Во разговорите, како што соопшти МЗ, посебен фокус беше ставен на успешното справување со пандемијата со КОВИД-19, имајќи предвид дека справувањето со вирусот претставува заеднички предизвик за сите земји, за кој е потребно единство, солидарност и партнерство.
Министерот изрази посебна благодарност до СЗО за поддршката обезбедена при спроведување на студиите поврзани со здравствената финансиска заштита, КОВИД–19 и здравствената правичност, кои се од исклучително значење за државата со цел поуспешна подготовка на политики засновани на докази.