Руската инвазија на Украина го одвлекува вниманието на човештвото од борбата за опстанок, во време кога сме загрозени од климатските промени, предупреди денеска високиот комесар на ОН за човекови права, Волкер Турк, цитиран од Франс прес.
„Во време кога човештвото се соочува со огромни егзистенцијални проблеми, оваа деструктивна војна нè одвлекува од задачата да најдеме решенија што ќе ни го обезбедат опстанокот“, рече Турк пред Советот за човекови права на ОН. Тој, исто така, ги осуди „шокантно рутинските“ прекршувања на човековите права во конфликтот што го започна Русија.
„Оваа војна му пркоси на секој здрав разум. Ова лудило мора да престане“, повика комесарот. Насекаде во Украина, „луѓето се соочуваат со огромно страдање и загуба, лишување, раселување и уништување“, додаде тој, потсетувајќи на влијанието на конфликтот во другите делови на светот.
Војната, започната од Москва во февруари 2022 година, дополнително ја влоши кризата со храна која веќе зафати десетици земји, зголемувајќи ги цените на храната и енергијата. Според Турк, тоа турна 71 милион луѓе во сиромаштија и погоди уште 1,6 милијарди луѓе.