„Новиот сој на коронавирусот Омикрон се шири со исклучителна брзина, така што луѓето треба да добијат дополнителна доза од вакцината бидејќи двојно вакцинираните лица се ранливи“. Ова го изјави британскиот министер за здравство – Саџид Џавид. Тој рече дека досега нема потврдени смртни случаи во Англија, но додаде дека околу 40 отсто од заразените во Лондон се со Омикрон.
„Она што го знаеме за Омикрон е дека се шири со исклучителна брзина, нешто што досега не сме го виделе, на секои два или три дена бројот на заразени се удвојува. Тоа значи дека се соочуваме со бран на инфекција, повторно сме во трка меѓу вакцини и вируси“, рече Џавид.
Британскиот премиер Борис Џонсон рече дека секој постар од 18 години ќе може да добие трета доза од вакцината до крајот на овој месец.
„Се плашам дека сега е јасно дека две дози вакцина едноставно не се доволни за да го обезбедат нивото на заштита што ни треба“, рече Џонсон.