Франсоа Оланд – екс-претседателот на Франција за париски „Либерасион“ оценува дека „Владимир Путин сака да импресионира и да си игра со стравот од нуклеарна војна“.
Според него, не смееме „да ја занемариме оваа нуклеарна закана“ на рускиот претседател, „без сепак да навлегуваме во воинствената логика што тој ја одржува“.
Оланд ја коментираше изолацијата на Русија од нејзината инвазија на Украина. Тој смета дека Путин „веројатно веќе го изгубил“ меѓународниот кредибилитет.
„Тој отсекогаш го следел проектот да биде признаен како главен соговорник на Американците, дури и ако го мисли најлошото за Соединетите држави, и како голем лидер на светски размери, способен да се меша во сите региони и во сите конфликти“ – вели Оланд.
Претходникот на Макрон ги повикува западните држави да се навикнат на идејата за можна војна, „без да ја прифатат како неизбежна“.
Според Оланд, „големата лекција од последните денови е дека Европа мора да разбере дека одбраната на нејзиниот интегритет оправдува значителни жртви, напори и ресурси“.