Од 27. март авионска линија Софија – Скопје

Од 27. март годинава редовна авиолинија  Софија – Скопје. Цената на билетот треба да ја одреди сопственикот на компанијата „Гуливер“ со чии авиони ќе се реализираат летовите.

Претставниците на скопскиот и софискиот аеродром денеска во Скопје имаа средба со сопствeникот на „Гуливер“ на која присуствуваа и министрите за транспорт и врски на Северна Македонија и Бугарија, Благој Бочварски и Николај Сабев.

По средбата министрите изјавија дека двата аеродрома ќе поддржат програма за стимулирање нови летови за авиолинијата Софија – Скопје да не трае само шест месеци како што било во периодот меѓу 2007 и 2009 година.

Министрите најавија и дека се водат разговори за воведување летови од Софија до Охрид и од Варна и Бургаз до Скопје и до Охрид.

Бочварски подвлече дека воспоставувањето на летот Софија – Скопје е потврда за заложбата на двете страни веднаш да има конкретни резултати од соработката.

„Сакам да ги убедам граѓаните од двете земји дека ги отвораме вратите слободно да патуваат од Северна Македонија во Бугарија, да ги користат поволностите и да направиме повеќе можност за туризам, економија, културна и спопртска размена со што ќе успееме како две пријателски држави да им покажеме и на регионот и на Европа како треба да соработуваме. За средбите со мојот колега кои се чести во овој период, рековме дека ќе работиме, но ќе работиме веднаш, за да дојдат веднаш и резултатите. Прашањата го отворивме и полека ги затвораме позитивно, со позитиен контекст во делот на транспротот“ – рече Бочварски.

Според него, најважно е што се покажа дека е возможно она за кое со години се зборуваше дека е невозможно.