Од Хуавеи ги шпионирале САД?

Администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден ја испитува кинеската компанија Хуавеи, под сомнение дека нејзините високи телекомуникациски кули инсталирани во САД имаат опрема која лесно може да ѝ испрати доверливи информации на Кина. Компанијата не ја коментира истрагата, но демантира дека собира какви било чувствителни информации од корисниците на нивните мобилни телефони и мрежа.

Од Хуавеи биле повикани на разговор со американската Агенција за трговија уште лани, а требало да објаснат каква е нивната политика за споделување податоци со трети страни. Според документот од 10 страни до кој дошол Ројтерс се работи за пораки, геолокациски податоци и мобилни телефони.

Осум сегашни и поранешни функционери на американската влада изјавиле дека истрагата ги одразува постојаните грижи за националната безбедност за компанијата, која веќе беше погодена со голем број американски ограничувања во последниве години.

Хуавеи е компанија која од самиот старт имаше проблем во САД. Во минатите години американските власти ја ограничуваа продажбата на нивните мобилни телефони стравувајќи од конкуренцијата. Меѓу работите во кои се тркаат САД и Кина секако е и 5Г-технологија во која Кина предничи и веќе испробува емитери на 6Г-мрежа.