Од каде пожари среде лето?

На пример, не можев да пронајдам информација што се прави за унапредување на противпожарната служба. Освен што помпезно ќе биде најавено дека некои прилично возрасни „хермелини“ се преадаптирани во противпожарни возила (очигледно, без некој особен ефект). Или кога среде сезоната на огнени стихии ќе се бараат хонорарни пожарникари (без соодветна обука и искуство).

Според последните информации на Центарот за управување со кризи во текот на вчерашниот ден (недела, 20 јули) биле регистрирани 20 пожари во Македонија на отворен простор. Од нив се активни уште седум, а три се ставени под контрола. Медиумите наведуваат дека ова е најголемиот број регистрирани пожари овој месец, после 9 јули кога биле евидентирани 21 пожар.

Без оглед на секојдневното известување за активни и изгасени пожари, сепак во Македонија не може да се пронајде релевантна статистика за нивниот вкупен број од почетокот на годината до сега, како и за бројот на пожарите во овој месец или за вкупно опожарената површина. Она до што можевме да дојдеме е бројката од 63 пожари само во првата половина на јули и проценета опожарена територија од 1844 хектари. Ова нѐ наведува на претпоставка дека од почетокот на годината досега имало околу стотина пожари.

Минатата година, на пример, само во периодот јули/август се регистрирани околу 200 пожари, а вкупно опожарената површина била дури 95.000 хектари, главно шума и трева.

И покрај тоа што годинава сѐ уште постојат шанси бројот на регистрирани пожари, а особено квадратурата на опожарената шума да бидат дури и во значително помал обем од лани, тоа не би смеело да ни влее некаков особен оптимизам, затоа што како што сега стојат работите останува фактот дека пожарите во јули, а нема зошто да не биде така и во август, традиционално нѐ изненадуваат. Како што тоа вообичаено го прави снегот во јануари. Или поројните дождови што паѓаат „еднаш на илјада години“.

Оправдувања и решенија

Пожарите се практично сезонска појава, но, ете, од некои причини секогаш ги дочекуваме релативно неподготвени. Зошто? И од кои прични?

Надлежните ќе ви кажат дека не е можно да се контролира целата територија каде што може да избувне пожар. Дека климатските промени и климатските услови (суша, силни ветришта) им погодуваат на пожарите. Па ќе биде наведени и човечкиот фактор, немарот, намерното палење на стрништата, депониите, а богами и подметнувањето пожари во шумите за да се обезбеди обработливо или градежно земјиште.

И како што циклично се повторуваат пожарите, така циклично се повторуваат овие образложенија или оправдувања. И – не се презема ништо. Или речиси ништо.

На пример, не можев да пронајдам информација што се прави за унапредување на противпожарната служба. Освен што помпезно ќе биде најавено дека некои прилично возрасни „хермелини“ се преадаптирани во противпожарни возила (очигледно, без некој особен ефект). Или кога среде сезоната на огнени стихии ќе се бараат хонорарни пожарникари (без соодветна обука и искуство).

На пример, не знам дали имаме изработено некаква мапа, некој вид катастар на критични или „црни“ точки каде што постои сува почва, деградирана шума, сува трева и сето она што лесно може да доведе до пожар. Ако и постои такво нешто, дали е околното население известено или предупредено за опасноста од пожар и дали е таму засилена контролата во смисла пожарот да се превенира.

Управување со шумите

Сара Картер од организацијата Forest Global Watch вели дека комбинацијата на суви услови (почва) и силни ветрови во некои подрачја значи дека тие пожари практично ќе бидат неизгасливи. Односно дека ќе се реактивираат во секој погоден момент.

Картер наведува дека клучен услов за превенција на пожарите е доброто управување со шумите. Тоа подразбира одгледување и негување на различни нивоа на вегетација со елиминирање на лесно запаливите дрвја и растенија и создавање на таканаречени противпожарни ѕидови со отстранување на каков било запалив материјал. Според неа, тој таканаречен мозаичен модел на шумската вегетација ќе се обезбеди и извесно ниво влага на почвата што е од круцијално значење за заштита од пожарите.

Тоа ме наведува на едно логично прашање: како се управува со нашите шуми? Или, да бидам попрецизен: Што работи АД „Национални шуми“ (порано „Македонски шуми“), освен што продава дрва за огрев и згрижува партиски кадри?

Една од последиците од пожарите за која не водиме или водиме многу малку сметка е зголемувањето на емисијата на јаглерод диоксидот во воздухот. Во Европа, на пример, веќе е кренат црвениот аларм по ова прашање. Се проценува дека до 16 јули во сите земји на ЕУ емисијата на јаглерод диоксидот е зголемена за 1.9 мегатони.

Според Марк Перингтон од Службата за следење на атмосферата „Коперникус“ (CAMS) ова е рекордно ниво на емитирање на СО2 во атмосферата. Тој вели дека ова количество јаглерод диоксид, меѓу другото, предизвикува потопли услови во атмосферата со помалку дожд. Тоа, пак, ги суши шумите и ги прави поранливи на пожари. Односно дека влегуваме во еден пеколен маѓепсан круг што ќе предизвика уште поекстремни пожари, кои, пак, ќе придизвикаат уште поголема емисија на CO2 и така натаму.

Не знам зошто ова би не тешело, ама, ете, утешно е да се знае дека не сме само ние подложни на пожари. Напротив, медиумите наведуваат дека цела Европа годинава е соочена можеби со најголемата огнена стихија во последните години.

Според Европскиот информативен систем за шумски пожари (EFFIS) досега, поточно до 15 јули, во Европа е запалена површина од дури 231.539 хектари, што е отприлика големина на еден Луксембург. Тоа е дури повеќе од дупло (119 проценти) од долгогодишниот просек за овој период од годината од 105.586 хектари.

Во Турција и Грција, кои се и инаку склони кон шумски пожари, исто така се бележи пораст на опожарената површина, но на графиконот на EFFIS најмногу отскокнува Романија, каде што се евидентирани 123.000 хектари опожарена површина, наспроти 23.000 хектари колку што изнесува нивниот годишен просек.

Според податоците на Forest Global Watch во Европа лани се изгубени само три проценти од шумската покриеност како резултат на пожарите, но предупреедуваат дека во Јужна Европа, работите се многу поинакви. Влијанието на пожарите од последните години е разорно за Португалија, Шпанија и Грција.

Македонија, за среќа или за жал, не се споменува во овие извештаи, но со оглед на климатските услови и географската положба не е тешко да се идентификуваме со споменатите земји.

Затоа делуваат предупредувачки зборовите на споменатата Сали Картер:

„Луѓето (се мисли на жителите од Јужна Европа) мораат да бидат подготвени на влошување на квалитетот на воздухот, на опасноста за своите домови, за егзистенцијата и работата, а туристите што ги посетуваат овие јужни подрачја мораат да бида свесни за овие околности“.

Подготвени ли сме?

Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на Трилинг