Сојузот на синдикати на Македонија од денеска стапува во генерален штрајк со барање за линеарно зголемување на платите на вработените во јавниот сектор за 2.806 денари и враќање на правото за регрес за годишен одмор од 2023 година.
Одлуката за генерален штрајк на јавниот сектор беше донесена на 3. јуни од страна на највисоките тела на синдикатот, со напомена дека тој ќе се одржи доколку не бидат исполнети нивните барања.
Работниот процес нема да го прекинат само 10%, кои ќе работат на итните случаи и ќе ги извршуваат активностите што се потребни за да не се загрозат личната сигурност, здравјето и животот на граѓаните.
Вработените во јавниот сектор покрај тоа што ќе штрајкуваат со прекин на работниот процес на своите работни места во работно време, видливо од 10 до 11 часот ќе застанат и надвор пред просториите на работодавачот.
Најавено е синдикалците да излезат и на улица. Ќе наредат 120 столчиња пред Собранието, каде од пратениците ќе бараат да го прифатат нивниот амандман на ребалансот на Буџетот за линеарно зголемување на платите за 2.806 денари, како во јавниот, така и во приватниот сектор.
Собраниската Комисија за финансирање и буџет не го усвои амандманот на ССМ што го предложи ВМРО-ДПМНЕ, со кој предвидуваше издвојување средства за бараното зголемување на платите на административците до крајот на годинава, по што вчера од ССМ остварија средба со владините претставници.
По средбата, од ССМ изјавија дека таа не вродила со плод и ја оценија како обид за купување на време.
Вицепремиерот задолжен за економски прашања Фатмир Битиќи по вчерашната средба истакна оти Владата е согласна дека треба да има линеарно покачување на платите во јавниот сектор, но остануваат на ставот оти тоа треба да се направи со усвојување на методологија, а не со едностран акт.