Од Грција избегал во Македонија, ама го фатиле – ќе му судат за убиство на 17-годишна тинејџерка

Пред неколку дена беше убиена 17 годишна тинејџерка во Грција, од страна на своето момче, 21-годишен Пакистанец, кој веднаш потоа побегнал.

Уапсен е 21-годишникот кој наводно ја убил Николета во Перистери, во понеделникот вечерта, јавуваат грчките медиуми повикувајќи се на објавата на грчкиот министер за јавен ред Такис ​​Теодорикакос.

Според информациите на newsit.gr, Пакистанецот ја напуштил Грција и заминал во Северна Македонија со намера да продолжи кон земјите од централна Европа.

Украдениот телефон убиената девојка како и блиската соработка на полициските власти на Грција и Македонија, довеле до апсењето, јавуваат грчките медиуми.

Вчера попладне во земјава е идентификувана група илегални имигранти, во која е констатирано дека е присутен и наводниот извршител на грозоморното убиство, по потекло од Пакистан. Во информациите се наведува дека со себе го имал и мобилниот на девојката, кој бил без сим-картичка.

„Според последните информации, властите му влегле во трага на 21-годишниот кој побегнал од Грција преку сопствениот мобилен телефон, но и на жртвата. Поточно, сигналот од неговиот мобилен телефон покажал дека се движел кон Северна Грција, додека грчката полиција имала информација дека младиот човек ќе се обиде да ја напушти државата и затоа е распишана меѓународна потерница. Кога преминал во Северна Македонија, тој го отворил смартфонот на жртвата кој немал сим-картичка. Сепак, властите успеале да го лоцираат сигналот преку конкретни мобилни апликации кои имале пристап до локацијата на уредот“ – објавија грчките медиуми.

Според форензичкиот извештај смртта кај девојката настанала со задушување, а пред тоа имала тепачка со сторителот која завршила кобно за девојката бидејќи насилникот со раце и ги покрил устата и носот и ја задушил.