Одржана конститутивна седница на владиното советодавно тело за употреба на историски личности во имиња на здруженија

Одржувањето на конститутивната седница на телото е на два дена пред официјалното отворање на вториот бугарски клуб во земјава „Цар Борис Трети“ кој треба да биде отворен на 7 октомври во Охрид

Два дена пред официјалното отворање на вториот бугарски клуб во земјава, во Владата се одржа конститутивната седница на советодавното тело во рамки на Владата кое треба да дава мислење околу карактерот на историските личности кои треба да бидат составен дел од името на некое здружение или фондација.

За претседавач на телото членовите едногласно го избрале Бобан Петровски од Институтот за историја при Филозофскиот факултет, а за заменик-претседавач е избрана Билјана Мицковска од Министерството за економија.

Владата информира дека советодавното тело има седум постојани членови кои се номинирани од самите институции, а двајца дополнително ќе се именуваат од граѓанските организации и други институции зависно од личноста за која ќе се дискутира.

Постојани членови за телото се:
д-р Билјана Ристовска-Јосифовска, редовен професор на Институтот за национална историја при Универзитетот,,Св. Кирил и Методиј”-Скопје;

д-р Бобан Петровски, редовен професор на Институтот за историја на Филозофскиот факултет во Скопје-за прашања од антички период и среден век/

д-р Никола Минов, вонреден професор на Институтот за историја на Филозофски факултет во Скопје-за прашања од нов и најнов век;

Академик Драги Ѓоргиев, редовен член на МАНУ;

Антонио Павлоски, посебен советник во Министерство за култура;

Билјана Мицковска, раководител на Сектор за правни работи при Министерството за економија;

Сафет Незири , државен советник за образовни политики во Министерството за образование и наука;

Ана Трајчева-регистратор во Централниот регистар на Република Северна Македонија.

Улогата на ова тело, посочуваат од Владата, ќе биде советодавна, односно ќе дава мислење за карактерот на историските личности, начинот на кој ќе се формираат здруженијата со цел да се избегне злоупотреба на одредени личности кои имаат негативен контекст низ различни епохи.

Одржувањето на конститутивната седница на телото е на два дена пред официјалното отворање на вториот бугарски клуб во земјава „Цар Борис Трети“ кој треба да биде отворен на 7 октомври во Охрид.