Лефков: Еден ден откако стана мандатар, на фирмата основана од Ковачевски и се префрлени над 203.000 евра државна помош

„Еден ден откако Ковачевски станува мандатар за состав на нова влада на 29 декември минатата година, фирмата основана од него Пиксел груп која е основана токму од него добива исплата на државна помош од над 203 илјади евра. Значи Ковачевски со мандат за премиер, а неговата Пиксел добива државна помош од огромни 203 илјади евра. Ова е најголемата во низа исплати од над половина милион евра извршени од владата и ФТИР кон Пиксел груп основана од Ковачевски во периодот од 2019 до 2021 година“ посочи на прес-конференција пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Миле Лефков.

Лефков рече дека „покрај земените 2 милиони евра државни тендери, фирми од соларниот картел овозможиле богатење и на други фирми и лица, и со нивна помош се испумпани милиони народни пари“.

„Се наметнува сомнение дека преку фирмата КМГ ЕОЛ Квазар на кумот на Ковачевски, Горанчо Паунов, овозможена е можна злоупотреба во општина Гази Баба додека градоначалник на општина бил кадар на СДС. Имено фирмата на кумот на Ковачевски е надзор на проектот за изградба и реконструкција на улично осветлување, а заврши во обвинителство, заради незавршени работи, кои биле наплатени со помош на потписот на надзорниот орган претставуван од кумот на Ковачевски“ вели тој.