Одобрен е Договорот за деловно-техничка соработка меѓу ЕСМ и БЕГ

Одобрен е текстот на Договор за деловно-техничка соработка, со кој се регулираат меѓусебните права на Производство на топлина Балкан Енерџи (БЕГ) и Електрани на Северна Македонија (АД ЕСМ) – информираа вечерва од Владата.

„Согласно овој договор, БЕГ ќе го стави на увид на АД ЕСМ целокупното свое деловно работење до денот на склучување на овој договор, а од денот на склучување на овој Договор ќе му даде согласност на АД ЕСМ да управува со сите деловни активности на БЕГ, со сите трансакциски сметки, како и со наменската сметка која што БЕГ ќе ја отвори исклучиво за потребите на овој Договор за деловно техничка соработка“ – се наведува во соопштението од владината седница.

Владата донесе и Одлука за обезбедување дополнителни количества топлинска енергија во услови на кризна состојба во снабдувањето со топлинска енергија.

„Со оваа одлука дополнителните количества на топлинска енергија ќе се обезбедат од домашно производство со склучување договори за уредување на меѓусебните односи помеѓу вршителите на енергетските дејности на пазарите на енергија и тоа договори за деловна техничка соработка помеѓу Акционерско друштво за производство на електрична енергија Електрани на Северна Македонија во државна сопственост – Скопје, Друштво за производство на топлинска енергија Производство на топлина Балкан Енерџи ДООЕЛ Скопје, Друштво за дистрибуција на топлинска енергија Дистрибуција на топлина Балкан Енерџи ДООЕЛ Скопје, Друштво за снабдување со топлинска енергија Снабдување со топлина Балкан Енерџи ДООЕЛ Скопје и Скопје Север АД Скопје, заради обезбедување на сигурност во снабдувањето со топлинска енергија“ – се наведува во соопштението.