„Основното обвинителство во Тетово ќе поднесе пријави против три физички и едно правно лице за пожарот во модуларната болница. Предметот се очекува следната недела да биде доставен до Судот во Тетово“. Ова денеска го објави тв Алсат.
Обвинителите велат дека предметот е при крај и во текот на наредната недела се очекува истиот да биде доставен до Судот во Тетово на понатамошна постапка.
Во текот на предистражната постапка над 30 лекари и медицински сестри кои кобната ноќ биле ангажирани во ковид центарот во Тетово беа повикани да дадат исказ.
Имаше сведоштва и на очевидци и на членови на семејствата на загинатите и повредените. Во истрагата беа вклучени и германски експерти, чиј извештај пристигна пред 3 месеци.
Пожарот во модуларната болница во Тетово изби на 8 септември 2021 година, животот го загубија 14 лица, од кои 12 пациенти и две лица кои се грижеле за некои од своите блиски.