Нов оглас за приватни превозници во ЈСП

После постигнатиот договор помеѓу градоначалничката Данела Арсовска и приватните автобуски превозници, Град Скопје распиша нов оглас за доделување на линии во јавниот превоз.

Огласот се однесува за истите линии и услови по кои возеа приватните компании до лани во декември кога Арсовска и превозниците се скараа за долгот од 1,5 милиони евра кој ЈСП „Скопје“ го има кон нив, а за кои градоначалничката велеше дека не му се потребни на главниот град затоа што ЈСП имал капацитети да ги покрие линиите, пишува „А1он“.

Но, оттогаш наваму по автобуските постојки и во градските автобуси имаше само гужви, доцнење, прекин на линии, недоволен број на автобуси и многу нервозни патници.

Огласот кој денеска е објавен од Град Скопје се однесува на 16 линии со број 9,11,11А,12,19,20,22,23,45,47А,52,54,55,61,63 и 73.

На огласот нема да се пријават „Слобода превоз“ и „Макекспрес“ како компании, туку истите превозници ќе се пријават преку нови три фирми.

Превозниците имаат рок да се пријават на 21 март. На 27 март ќе се одлучува кои превозници ќе возат по тие линии, а тоа значи дека скопјани ниту во март нема да имаат редовен превоз, посебно оние што најмногу ги користеа услугите на приватните автобуси.

Арсовска минатата недела им вети на превозниците дека долгот од ЈСП „Скопје“ ќе им биде исплатен согласно постоечките договори.