Албанските државјани, кои легално влегле во Црна Гора за да работат како градежни работници на згради, биле ангажирани за копање на тунелот до депото на Вишиот суд во Подгорица, дознава „Побједа“ од извор близок до истрагата. Но, црногорската полиција сѐ уште не открива кого и што барала во депото на Вишиот суд, не се знае кој бил нарачател на овој несекојдневна криминална акција.
Откако во вторникот беше објавено дека е ископан тунел од соседната зграда до депото на Вишиот суд во Подгорица, почнаа да испливуваат детали од истрагата, утврдено е кој бил сопственик и кому му бил даден под закуп станот кој со тунелот е поврзан со судското депо.
Според информациите на „Вијести“, сопственичката на просторот во приземјето на зградата во центарот на Подгорица во Основното државно обвинителство изјавила дека не знае која е жената на која и го изнајмила станот и дека ја контактирала преку Агенција за недвижности.
Наводно, сопственичката на станот рекла дека мистериозната жена која, како што се сомничи, користела лажни документи, го зела под наем деловниот простор во приземјето и во сутеренот.
Таа и рекла дека сама ќе го уреди празниот простор, за да го прилагоди за бизнисот што сака да го започне – салон за венчаници, дознава „Вијести“.
На сопственичката на станот однапред и биле исплатени две кирии, односно 2.800 евра, а потоа немала контакт со жената на која и бил изнајмен просторот.
Претседателот на Вишиот суд во Подгорица, Борис Савиќ, во вторникот објави дека при пописот на приоритетните предмети е утврдено дека речиси ништо не недостасува.
Но, веќе следниот ден, во средата, „Побједа“ неофицијално потврди дека на пописот е забележано исчезнување на неколку парчиња оружје. Црногорскиот министер за правда Марко Ковач во синоќешното гостување на телевизија „Вијести“ објави дека недостасуваат 19 парчиња оружје. Заменик-претседателката на Вишиот суд во Подгорица, судијката Весна Ковачевиќ за „Побједа“ ја потврди оваа информација и појасни дека се работи за судски предмети кои во најголем дел се законски завршени, додека мал дел од тие предмети сѐ уште се во постапка.