
На првата конститутивна владина седница со која ќе претседава техничкиот премиер Талат Џафери се очекува да бидат определени замениците на претседателот на Владата. Џафери ќе ги именува и претседателите и членовите на основните, како и претседателите и членовите на посебните комисии на техничката Влада.
На седницата на дневен ред се очекува да биде и Информацијата за потребата од донесување одлука за остварување на правото на користење на службено возило на експремиерот Димитар Ковачевски.
Според информации од партиите пред формирањето на техничката Влада, ќе нема промена на вицепремиерските функции освен рокадата на првиот вицепремиер Артан Груби со вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ. Ова значи дека за прв вицепремиер Џафери ќе го определи Маричиќ, додека вицепремиери остануваат Груби за политички систем, Фатмир Битиќи за економски прашања и Славица Грковска за политики на добро владеење.
По конститутивната седница на Владата, Џафери за денеска во 13 часот веќе закажал втора седница.
Преодната Влада предводена од Џафери беше избрана во неделата. Целта на оваа влада е организирање и спроведување на фер и демократски избори. Мандатот на техничката влада е до изборот на нова политичка влада, по парламентарните избори што треба да се одржат на 8 мај. Две недели претходно на 24 април во земјата треба да се одржат претседателски избори.