„Да бидеме искрени, и етничките Македонци ги немаат тие права во Бугарија. Всушност, Европскиот суд за човекови права имаше повеќе случаи по таа основа отколку за Бугарите во Македонија. Тука се наоѓате на лизгав терен“.
Ова му го рече британскиот новинар Стивен Сакур на бугарскиот премиер Кирил Петков при неговото гостување во емисијата „Хардток“ на „Би-Би-Си“ .
Новинарот реагираше на тврдењето на Петков дека Бугарите немаат законски права во Македонија, и го потсети на бројните пресуди на Европскиот суд за човекови права во врска со македонското малцинство во Бугарија.
Петков не одговори на забелешката, туку продолжи дека со македонскиот премиер Ковачевски се согласиле оти „Бугарите во Македонија треба да ги имаат истите законски права како сите останати народи кои живеат таму, но прашање е како да се добие поддршка од јавноста за тоа“.
„Со премиерот на Северна Македонија целосно се согласивме дека Бугарите би требало да ги имаат истите законски права како и сите Македонци и други народи, како Албанците. Прашање е како да стигнеме дотаму“ – Петков.
Бугарскиот премиер потврди дека сака да ја види Македонија во Европската Унија, но и нагласи дека претходно треба да се решат некои проблеми, не само историски.