Николоски: СДСМ бега од избори, а најавува рекордно задолжување за каков таков социјален мир!

„Јасно е дека ако во брзо време има предвремени парламентарни избори, ВМРО-ДПМНЕ ќе однесе убедлива победа. Најдобар доказ за ова што го кажувам е дека СДСМ бега од избори. Огромен процент, преку 60% од луѓето велат дека Македонија оди во погрешна насока. За мене побитно е што се прави додека се бега од избори. Не гледаме што ново понуди Владата, освен што најавуваат дека буџетскиот дефицит ќе оди на рекордни 6% од БДП, и што задолжувањето годинава ќе оди околу 1 милијарда евра. Тоа е задолжување за каков таков социјален мир во државата“ – вели потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски за Трилинг.

Николоски смета дека „резултатот кој ќе го имаме на следните избори ќе биде убедлив, но мора да размислуваме за коалиционен партнер, пред се кај Албанците. Наш партнер е АА и БЕСА, имаме добра соработка и во општините, се надевам дека таа соработка ќе се преточи во Влада“.

„Она што загрижува е што ретко се гонат функционери од актуелна власт, и тоа не е првпат. Оваа пракса Македонија мора да ја надмине, за мене значаен дел се и основните судови и обвинителства, познавам многу луѓе кои се заглавени низ судско-обвинителски лавиринт мрежа заради корумпиран систем“ вели Николоски.