Николоски: Два начина на решавање на спорот со Бугарија – со удоволување или со силни реформи и робусен дипломатски притисок

Александар Николоски – потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ синоќа на ТВ21 рече дека има два патишта за решавање на проблемот со Бугарија во однос на почетокот на преговорите. Едниот е овој во моментот кој што го одбра владата на СДСМ и Ковачевски практично да удоволува на барањата на Бугарија, и вториот е двонасочен кој што е прифатлив за ВМРО-ДПМНЕ а тоа е силни реформи и робусен дипломатски притисок врз Бугарија.

„Генерално има два патишта во овој проблем. Едниот е овој кој што го одбра владата, а тоа е да се разговара со Бугарија и практично да се удоволуваат барањата на Бугарија, прашањето е само во кој степен и колку. И вториот е да се избере еден друг модел кој според нас е правилниот, а тоа е двонасочен модел. Првата насока значи силни реформи внатре во Македонија, и втората значи робусен дипломатски притисок врз Бугарија со аргументи на силни реформи внатре во Македонија“ – рече Николоски.

Според него Бугарија не е единствената држава, туку дека најголемите и најмоќни земји членки имаат резерва кога станува збор за почеток на преговори на Македонија со Европската унија.

„Клучот на решение на проблемот е еден силен пат на реформи кои што за брзо време може да даде резултати, пред се во делот на борба со организиран криминал и корупција и во делот на поставување на функционален систем на владеење на правото за да се дадат аргументи на еден робусен дипломатски притисок“ – смета Николоски.