Николоски: Во суштина ова е Влада од интерес, не од национални и големи прашања

„Приказната на власта, новото мнозинство со Кастриот Реџепи и Алтернатива беше дека составуваат влада за почеток на преговори, еве нема датум. Сега го определуваат јануари за да ја состават таа влада дотогаш, па бидејќи и тогаш ќе нема датум ќе измислат нешто друго. Во суштина ова е влада интерес, не од национални и големи прашања како почеток на преговори“. Ова меѓудругото утринава го изјави потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски на ТВ24.

Тој рече дека новата бугарска власт ги разби тезите на власта дека ќе има датум и дека некој врши притисок за Македонија да го добие тој датум и дека новиот премиер Петков веднаш застана позади бугарската резолуција.

„Она што го направи Петков во Бугарија е соочување со вистината, а таа е во две насоки. Првата е дека оваа политика на Бугарија не е персонална политика и на Борисов или Радев, туку е национална, затоа што тие усвоија заедничка позиција во Собрание од која не отстапува никој. Втората работа која јасно се гледа по формирањето на новата влада во Бугарија е дека се илузија најавите дека врз Бугарија има притисок“ – рече Николоски.

Тој вели дека не само што нема притисок врз Бугарија, туку и постојат други земји членки кои не се согласуваат Македонија, па и Албанија да добијат датум. Николоски смета дека постојат две грешки кои се клучни во моментов.

„Грешка беше прифаќањето да се оди како пакет со Албанија, а втората грешка е состојбата со корупцијата. Основа на преговорите со ЕУ е владеењето на право и ако тоа не го завршите не може да одите напред. Држава која е рангирана на 111 место по корупција, едноставно не ја гледаат во својот клуб“ – нагласи Николоски.