Николовски со писмо до Мицкоски, бара да не ги сопираат земјоделските закони

Љупчо Николовски – министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство со отворено писмо, ги повикува претседателот на ВМРО–ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, пратениците од неговата партија и коалицијата, да го овозможат доносувањето на деветте закони кои се во собраниска процедура и од кои, како што посочува, директно и индиректно зависат 20 000 семејства.

Николовски потенцира дека писмото не е политички пазар, туку апел за потребата од разум и валоризирање на земјоделскиот труд.

„Доколку ја продолжиме политичката (не)култура на нерационални политички битки врз грбот на граѓаните, недовербата и апатијата кај нив само ќе растат. Сметам дека е време да ги препознаеме обединувачките точки со кои ќе го намалиме растечкото чувство меѓу граѓаните дека во државата владее единствено неединство кое воопшто не е рационално од позиција на земјоделец кој ја чека својата субвенција за да почне нова реколта и да овозможи пристоен приход за себе и семејството. Пред вас се закони кои во вакви глобални услови и предизвици не смее, заради политички несогласувања да паднат на грбот на земјоделците“ – наведува министерот.

Тој од Мицкоски и опозициските пратеници бара заедно да им помогнат на земјоделците за нови реколти, поголемо производство и подостоинствен живот, да покажат дека се обединети околу најважните и стратешките приоритети во овој сектор.

„Ви се обраќам како министер кому примарна задача во овој период на економска и енергетска криза, а на подолг рок и потенцијална криза за храна е да ги решава проблемите на земјоделците. Барам заедно да им помогнеме на овие наши граѓани да се подготват за нови реколти, поголемо производство и подостоинствен живот. Убеден сум и тоа ме води во мојата работа, дека никому не оди во прилог ако врз грбот на нашите граѓани се поставува одново и одново прашањето: „Кој добива, а кој губи со блокада на Собранието?”. Одговорот е кристално јасен и во континуитет како политичари го добиваме од граѓаните. Пораката е јасна, тие се уморија да не’ слушаат во нашите препирки и несогласувања, затоа е неопходно да се насочиме кон брзо решавање на животните и егзистенционалните приоритети на земјоделците и сите наши сограѓани, особено во време на вакви големи светски кризи“ – истакнува Николовски.

Според него, политиката не смее да биде пречка за граѓаните кои својот труд го вложиле на нива, на фарма, на поле и кои произведуваат храна.