„Целата ситуација со Бугарија не е инвестиција во пријателство. Мислам дека сето ова многу лошо влијае врз македонско-бугарските односи, лошо влијае и геополитички. Се подрива стабилноста на регионот. Петков зборува дека историјата е важна, но има и други работи кои се важни. Треба да седнеме, отворени сме за сите грижи со Бугарија, но не и за тоа кои сме и каков јазик зборуваме“ вели Никола Димитров, заменик на премиерот за европски прашања во ТВ24.
Тој потенцираше дека Македонија е најподготвена од сите земји во регионот за почеток на преговорите.
„Ние сме тие кои најдолго чекаа, најподготвени сме за почеток на пристапни преговори, тоа го вели холандскиот премиер, тоа го вели францускиот претседател, тоа го вели германскиот канцелар. Направивме исчекор со Преспанскиот договор, дури и папата изрази почит за патот што го поминаа С. Македонија и Грција. Има ли волја во ЕУ да го комплетира континентот или нема. Ни велат – не сте уникатни со предизвиците кои ги имате. Преспанскиот договор ќе беше невозможен доколку Грција не го прифатеше правото на самоопределување и доколку македонскиот јазик не е чисто наведен во Договорот. Тоа беше компромис што тешко поминуваше и кај нас и кај нив“ смета Димитров.