„Не сум го прочитал францускиот предлог и не знам што содржи, но се што беше објавено за работата на Комисијата и содржината на текстовите кои се усвоени за заедничко чествување на цар Самуил е апсолутно неточно“.
Ова денеска го изјави копретседавачот во заедничката Македонско-бугарска комисија за историски и образовни прашања, Драги Ѓоргиев, во врска со францускиот предлог и билатералниот протокол.
„Апсолутно не е точно она што е наведено во некои медиуми со она што е усвоено од страна на самата Комисија за заедничко честување на цар Самуил. Исто така, Комисијата никогаш не усогласувала текстови за да бидат тие ставени на различни спомен обележја, споменици или тврдини. Комисијата усвојува заеднички текстови за заедничко чествување на одредени личности и тие личности се познати и веќе два текста од нив се објавени во јавноста и тоа е она што го има направено Комисијата“ – рече Ѓоргиев.
Комисијата, појасни, ниту дава дозвола да бидат тие објавени на различни спомен обележја, ниту тоа е наејзина работа, а текстовите на Комисијата се за заедничко чествување, а не за спомен обележја.
„Постои текст за заедничко чествување на цар Самуил кој е усвоен во 2019 година и вчера или завчера веќе беше објавен во дел од медиумите, а пред неколку месеци на една од средбите усвоен е и предлог препорака до владите како таа држава да биде претставена во учебниците по историја. Тие два текста немаат апсолутно ништо заедничко со она што е за жал објавено во некои медиуми и се пренесени во наши медиуми, без и малку критички да бидат анализирани“ вели Ѓоргиев.