Борисов до Петков: Стави го францускиот предлог на седница да го изгласаме!

Бојко Борисов – претседателот на ГЕРБ побара од владејачката партија и премиерот во оставка, Кирил Петков да го стави францускиот предлог за Македонија на пленaрна седница во Народното собрание.

„Вчера решивме да дадеме зелено светло на темата Северна Македонија. Очекувавме ова денеска да влезе во пленарната сала без игри и финти, а не да си играме со одолговлекувања. Престанете да кажувате квалификации. Храбар сте, кул сте, ставете го предлогот во сала. Ќе го освоите аплаузот од целиот Европски совет“ – му порача Борисов на својот опонент Петков.

Борисов смета дека во документите има работи што треба да се разјаснат, но идните генерации ќе знаат дека Бугарија не е причината за суспензијата на Р. С.Македонија и Албанија во ЕУ.

„Денеска е историски ден за Европа и светот, бидејќи има можност Украина, Молдавија, РС Македонија, Албанија и Грузија со различни статуси да влезат во Унијата и да ја направат посилна. Нека бидеме ние кукавиците, тој нека биде храбар, нека влезат во парламентот и нека го дадат предлогот на гласање“ е пораката на Борисов.

Утринава Петков од Брисел порача дека му се допаѓа францускиот предлог и дека може да има таков друг предлог, но за него мора да одлучи парламентот, бидејќи тој дал таков збор на бугарскиот народ.

Петков изрази надеж дека во наредните денови Народното собрание ќе донесе одлука за ова прашање.