Незири: ДУИ жестоко ќе делува, но нема да предизвика дестабилизација!

Новинарот и аналитичар Џелал Незири проценува дека инцидентот со косовската претседателка Вјоса Османи на Скопскиот аеродром нема да има негативни реперкусии во односите помеѓу државите.

„Се работи за инцидент кој може и треба да се расветли во наредните денови. Дали се работи за претерана ароганција на претседателката Османи или за дрскост од страна на службеникот на аеродромот, одговор треба да дадат надлежните институции на земјата. Но не очекувам влошување на односите, особено заради фактот дека Мицкоски и Курти се чини дека имаат стабилна комуникација уште пред формирање на актуелната влада”, оценува Незири за порталот „Трилинг“.

Во однос на последните ставови на македонскиот премиер изнесени во интервјуто за Фокус, Незири со став:

„Мицкоски праќа јасна порака на една до две адреси: првата е неговото членство, а втората е ДУИ. Пораката е дека нема да има измени во актуелната владина коалиција, и покрај проблемите со кои се соочуваат партнерите внатре. Тоа значи дека ВЛЕН останува во Владата, а шансите да се нормализираат односите со ДУИ Мицкоски ги сведува на минимум, барем се додека оваа партија е водена од истите функционери кои беа во партнерство со СДСМ. ДУИ и останатите партнери на Европскиот фронт ќе делуваат жестоко како опозиција, особено во однос на ВЛЕН, но не верувам дека тоа делување ќе биде закана за меѓуетничките односи. Колку и да се обидуваат да играат на етно-националистичката карта, дали власта или опозицијата, мислам дека нема да претставуваат никаква опасност за меѓуетничките односи, а со тоа и на стабилноста на државата, од причина што мнозинството е имуно на такви агенди”, заклучува Незири.