
НЕДОВРШЕНА ПОДЕЛБА
Ахмети должи да објасни на јавноста кога била предложена поделбата до него и со кого било разговарано. Како да заборавил дека првите коминикеа на УЧК беа дека водат војна за ослободување на териториите на Албанците, што подоцна еволуира дека се борат за човекови права.
Александар Бежовски
Многу сериозни прашања за минатото и сегашноста во македонската политика открива изјавата на претседателот на ДУИ, Али Ахмети, на партискиот собир во Чаир. Тој тврди дека доколку Албанците сакале поделба на Македонија, ќе ја направеле со петнаесет илјади вооружени војници, а истата изјава предизвика бурна реакција од ВМРО-ДПМНЕ.
Но, јавноста не се замара со вакви сериозни изјави, веројатно чека вработување, тендер, можеби некое проектче.
Од ВМРО-ДПМНЕ наведоа дека ДУИ бил во очај штом Ахмети се враќа 24 години наназад со тезите. Ќе морам да се согласам со дел од наводите во нивното соопштение дека во тие 24 години ДУИ, 23 години беше на власт и е учесник во целото газење, компромитирање и корумпирање на институциите. Бенефит и материјализирањето на најдоброто го осетиле само 50-тина луѓе од врвот на ДУИ, кои од овчари, земјоделци, механичари и слаткари станале шеици и тајкуни заради слабата држава и нивната перманентна закана и континуирана злоупотреба на етнички теми во ситуации кога треба да се зборува за реформи, иднина, подобар живот на граѓаните и борба против корупцијата – од која тие се преплашени – како што реагираа од ВМРО-ДПМНЕ преку своето соопштение по повод конкретната изјава на Ахмети.
Тука, само по себе, се наметнува прашањето колку години беа заедно на власт ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ и колку од наведените практики, ДУИ ги копираше од токму ВМРО–ДПМНЕ. Се поставува и прашањето дали практиките на ВМРО–ДПМНЕ служеа како прототип за градењето на партиска „внатрешна држава“ на ДУИ и колку души се офајдија од ВМРО–ДПМНЕ?
Оваа сериозна изјава на Ахмети и соопштението на ВМРО-ДПМНЕ, за жал мора да констатираме дека се две страни на истата паричка и отвараат многу прашања за опстанокот и иднината на самата држава.
Изјавата на Ахмети дека ќе ја поделел државата доколку сакале Албанците има втор дел од претходно, во мај 2025 година, во Струга, Ахмети наведе дека ќе ја поделел, но предлогот за поделба дошол од страна на државата во 2001 година.
Да се потсетиме дека 2001 година на власт беше ВМРО–ДПМНЕ на чело со Љубчо Георгиевски, кој преку МАНУ и тогашниот претседател на МАНУ, академикот Ефремов, предложија анахрона идеја за размена на територии и население помеѓу Македонија и Албанија.
Ахмети должи да објасни на јавноста кога била предложена поделбата до него и со кого било разговарано. Како да заборавил дека првите коминикеа на УЧК беа дека водат војна за ослободување на териториите на Албанците, што подоцна еволуира дека се борат за човекови права.
Ќе се потсетиме дека претходно, покојната Димовска, како потпретседател на ВМРО–ДПМНЕ даде изјава во контекст дека не ја интересира Македонија надвор од потегот Подмоље-Групчин и дека за натаму е одговорен тогашниот нивен коалициски партнер, Арбен Џафери. Подмоље-Групчин е потег на поделба на Македонија од страна на фашистичките окупатори во текот на Втората светска војна.
Со оглед на сериозноста на изјавата како сублимат на наводите и фактите, Ахмети должи јавно да каже со кого преговарал, што му нуделе, до која фаза дошле преговорите, кој учествувал од страна на државата во понудата за поделба и на крајот кој ги спречил во таа намера.
Истото прашање се однесува и на Георгиевски, ВМРО–ДПМНЕ за тоа време, како и за подоцнежните активности на Груевски и, секако на Мицковски, иако не беше активен учесник своевремено, поради инстутиционалниот капацитет на партијата и кадровскиот континуитет, респектабилно.
Сите тие должат одговори на сите овие прашања на граѓаните и на јавноста, но веројатно дека набрзо ќе мораат да одговорат и пред нашите НАТО сојузници, во случај на негативна ескалација на настаните.
Сите треба да наведат кои се високите раководители на ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ и претставниците на државата што договарале или заговарале поделба на Македонија, дали и со кои странски служби соработувале, и дали некој од тие актери моментално активно учествува во политиката на државата, како во ВМРО–ДПМНЕ и ДУИ, мо и во која била друга партија.
Само ќе потсетам дека високи западни дипломатски кругови брифираа и уште брифираат за политичари кои заговараат поделба на државата, а сега сме 2025 година.
Тука се поставува прашањето за јавноста: дали блокадата на процесот за европската интеграција е во корелација со идеите за можна поделба на Македонија?
Очигледно е дека прашањата за минатото и сегашното политичко однесување како на Ахмети и така и ВМРО–ДПМНЕ бараат јавно објаснување и транспарентност.
Јавното објаснување и расветлување на темните партиски табуа е неопходно за граѓаните, за нивната доверба во институциите, за нашата светла иднина и перспективата на државата и идните генерации.
Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на „Трилинг“