НБ: Здравствената и енергетска криза може да се одрази врз макроекономските политики
Проекциите на Народната банка за темпото за закрепнување на македонската економија и за инфлацијата се многу блиску до проекциите на меѓународните финансиски институции и Европската комисија, било истакнато на состанокот што Народната банка вчера го имала со претставници на меѓународните институции и дипломатскиот кор.
Проекциите на Народната банка се економски раст за годинава од 3,9 проценти, додека ММФ и Европската комисија предвидуваат раст од 4 проценти, а Светска банка од 4,6 проценти. Во однос на инфлацијата, за оваа година, проекциите на Народната банка се 3,1 процент, што е идентично и со проекцијата на ММФ и слично на проекцијата на Европската комисија од 3,3 проценти, а Светската банка проектира умерено пониска инфлација од 2,4.
Во презентацијата, гувернерката, Анита Ангеловска-Бежоска, посочи дека макроекономското сценарио и ризиците околу него и овојпат се условени пред сѐ од натамошните случувања поврзани со здравствената криза, нарушувањата во глобалните синџири на снабдување и производство и актуелната енергетска криза
Состанокот, како што соопшти Народната банка, се одржал преку видеоконференциска врска, а на него присуствувале претставници на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), Светската банка, Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), Обединетите нации (ООН), Програмата за развој на ООН (УНДП), Делегацијата на Европската Унија (ЕУ), како и на дипломатските претставништва на Унгарија, Чешка, Украина, Словачка, Бугарија, Соединетите Американски Држави (САД), Кина, Германија, Словенија, Грција, Романија, Швајцарија, Шпанија.