На Токсикологија поплавени лекарски канцеларии, болнички соби, сметководство, амбуланта на ОРЛ, штетата дополнително ќе се утврдува

Поплавени се речиси сите лекарски канцеларии на вториот кат, болнички соби на првиот кат, Одделението и сметководство, ходниците на приземјето, чекалната се до амбулантата на ОРЛ и дел од подрумските простории. Штетата дополнително ќе се утврдува, информира денеска медицинскиот директор на Клиниката за токсикологија, Данил Петровски, по поплавата што се случила синоќа.

Тој истакна дека поплавата се случила ноќеска во еден часот по полноќ.

– Пукна радијатор во една лекарска канцеларија на вториот кат на Клиниката. Дежурната екипа веднаш ја повикала техничката служба за одржување на парно, но не успеале да го допрат истекот на водата во следните четириесетина минути. При што, повикано е лице од клиниката кое помогнало да се сопре водата од главните вентили, додаде Петровски.

Вработени од Клиниката претходно изјавија дека ноќеска пукнала цевка од парно поради што биле поплавени простории во обектот. Според нив, повеќе од два часа биле поплавени просториите, а проблем е тоа што Клиниката не е осигурена.