На денот на Европа ВРЕДИ ќе се инаугурира во единствена партија

Изборот на датумот не е случаен – со него симболично сака да се испрати политичка порака дека ВРЕДИ како партија ќе протежира европски политики и стандарди и дека за нив ќе се залага и во рамките на коалицијата на власта што ја прават заедно со ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ. Истовремено, целта е создавање единствена партија како одговор на барањата за поголемо единство и посилна политичка застапеност на Албанците.

Денот на Европа ќе биде и ден на формалното претворање на владејачката коалиција ВРЕДИ во една партија. На 9 мај треба да се одржи церемонијата на конституирање на коалициските партнери во единствен политички субјект, дознава „Фокус“ од извори од ВРЕДИ. Изборот на датумот не е случаен – со него симболично сака да се испрати политичка порака дека ВРЕДИ како партија ќе протежира европски политики и стандарди и дека за нив ќе се залага и во рамките на коалицијата на власта што ја прават заедно со ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ. Истовремено, целта е создавање единствена партија како одговор на барањата за поголемо единство и посилна политичка застапеност на Албанците.

Ова следува откако се отстранети и сите нејаснотии околу начинот на формирање и конституирање на партијата. Од порано е познато дека со неа ќе раководат двајца копретседатели – Изет Меџити од Демократското движење и Билал Касами од БЕСА. Беким Сали од Алтернатива ќе биде генерален секретар, а еден сигурен потпретседател е Беким Ќоку, додека за второто место ќе се бира меѓу пратениците Илир Демири и Мимоза Муса од крилото на Алијанса што е во власта, кои ја извојуваа внатрешната битка во ова крило со Арбен Фетаи. Но, според информациите, неговите позиции во Владата засега не се загрозени.

Последната пречка која се досега се покажа како непремостлива беше процентот на сооднос во партиските структури на секој субјект што влегува во новата партија. Првичниот предлог на Меџити и Касами тие како најголеми конституиенти, да имаат по 35 отсто, а останатите вкупно 30 проценти, беше веднаш отфрлен. Договорот што го постигнале е секој од нив да има адекватен удел – односно по 20 отсто во идната партија, потврдува за „Фокус“ висок извор од ВРЕДИ. Тоа значи идејата за рамноправност на сите субјекти кои се обединија во коалиција надвладеала наспроти амбицијата на некои од нив да бидат доминантни во однос на другите.

Сето ова неофицијално, треба да се внесе и во статутот на ВРЕДИ како единствена политичка партија, а ќе се направат и измени на програмата под која настапуваше како дел од власта. По што ВРЕДИ како партија ќе биде подготвена и за владината реконструкција – прва поголема, што премиерот ја најави во текот на мај или во јуни, а во која, покрај кадровските смени, не е исклучена и ротација во ресорите меѓу коалициските партнери во власта.