Најмногу пакетчиња купила о. Кавадарци – 3.274, најскапи оние во о. Новаци, по 1.377 денари

Македонските државни институции и општините за купување новогодишни пакетчиња за децата потрошиле 72.571 евро, покажуваат резултатите од испитувањето што го направил Центарот за граѓански комуникации.

„Вкупната сума пари потрошени за пакетчиња за новата 2022 година изнесува 72.571 евро, но се очекува оваа вредност да биде уште поголема имајќи предвид дека некои институции сѐ уште ги немаат објавено договорите и вредноста на потрошените пари за оваа намена. На повеќе од две третини (68 отсто) од тендерите за набавка на новогодишни пакетчиња била добиена само по една понуда, на помалку од една третина од тендерите имало по две или три понуди. Меѓу фирмите од кои се набавувани новогодишните пакетчиња убедливо води „Колид“ од Колешино од каде се купени една четвртина од пакетчињата“ – посочуваат од Центарот за граѓански комуникации.

Најголем дел од пакетчињата биле со традиционални кондиторски производи, но имало и такви со литература и материјали за цртање за деца.

„Најмногу пакетчиња, 3.274 купила Општина Кавадарци, иако со пониска поединечна цена. Блиску, според бројот на купени пакетчиња е и Општина Прилеп со 3.030. Најскапи пакетчиња, како и претходната година, и сега купила Општина Новаци, по 1.377 денари за едно пакетче. Вкупно најмногу пари за пакетчиња, односно околу 10.000 евра потрошил Град Скопје“ – истакнуваат од Центарот за граѓански комуникации.

Дел од институциите купиле по неколку видови пакетчиња, и поевтини и поскапи.

„Меѓу институциите кои купиле најскапи пакетчиња, покрај Општина Новаци, спаѓаат и Општина Битола по цена од 1.050 денари, Град Скопје по цена од 973 денари, М-НАВ по 853 денари и Министерството за одбрана по цена од 840 денари. Просечната цена што институциите ја платиле за едно новогодишно пакетче изнесува 566 денари“ – велат оттаму.