„Ковачевски да не ги држи во тајност одговорите за пакетот 5+1 доставени до Бугарија“

„Кариеристот Димитров конечно призна дека Македонија преку него и Заев премногу и ветила на Бугарија со надеж дека ќе го реши спорот. Иако на излезот од неговата кариера реши да замине со обвинувања кон неговите довчерашни соработници тој по ништо не се разликува од Заев и Османи. Димитров заедно со Османи ќе останат запаметени како најнеспособните шефови на македонската дипломатија. Тие се пријатели по функција, непријатели кога таа не ги спојува“. Ова меѓудругото денеска на пресконференција го изјави портпаролката на ВМРО-ДПМНЕ, Марија Митева.

Таа рече дека „додека Димитров обвинува за предавство, Ковачевски мудро молчи за тоа кои одговори Македонија ги дала на пакетот 5+1 кој е испратен од Софија како предуслов за поддршка за преговарачката рамка и одржување на првата меѓувладина конференција. Патем оваа делегитимирана влада на СДСМ чека став од страна на Бугарија по однос на овие одговори. Иако, никој не е запознаен за што преговарале Заев, Димитров и Османи“.

„На состанок во Бугарија на советот за национална безбедност за прашањето кон Македонија се донесе јасен и конкретен став, додека во Македонија се држат во тајност одговорите за пакетот 5 + 1 кои се доставени до Бугарија на самитот на НАТО во Рига уште пред два месеци. Ковачевски е должен да и одговори на јавноста кои одговори се дадени и истите детално да ги образложи пред целата македонска јавност“ рече Митева.